Сите вести
Летна археолошка школа
- Hits: 516

Од 08 до 18 Јули 2024 година, Локален археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница, по втор пат организираше Летна археолошка школа на локалитетот Градиште 2 кај Виничка Кршла. Учество заземаа осум студенти на институтот за Историја на уметноста и археологија, насока археологија при филозофскиот факултет во Скопје од прва, втора и трета година. Основна цел на проектот е пријавените студентите да се воведат во работат на археолозите и активности кои произлегуваат од археолошките истражувања и да се запознаат со основните принципи и методи на теренско и кабинетско работење. Се работеше на проширување и доистражување на отворените сонди од претходната летна школа организирана во 2022 година, каде се открија една складишна просторија од железнодобска куќа, како и заокружување на една целина од светиот простор на населбата каде се откриени спалиште и олтар од железно време. Покрај теренските активности студентите имаа прилика да слушаат теоретски предавања за Виничкиот регион од професорите на катедрата за археологија: Марјан Јованов, Антонио Јакимовски, Ирена Теодора Весевска, Бошко Ангелоски, а за практичниот дел се погрижија стручњаци од пракса, м-р Кирил Денковски, Антонио Стојановски, кустос Златко Костадинов, виш кустос Благица Стојанова и раководителот на проектот м-р Јовица Илиев.
Проектот е финансиран од министерството за култура како проект од национален интерес во културата за 2024 година, Општина Виница и музеј „Теракота“, а беше поддржан и од локалните фирми: Вини фарм, Макпрогрес и Оска пром..