Сите вести
Работна акција на Виничко Кале
- Hits: 322

Виница, 24 април и 06 мај 2025год. – Во духот на заедништвото и грижата за културното богатство, Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница, во соработка со учениците и професорите од ОСУ „Ванчо Прке“, реализираше работна акција на археолошкиот локалитет Виничко Кале. Активноста се одвиваше во рамките на проектот „Тековно одржување на Виничко Кале“, финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Виница.
Ученици од машинската, прехранбената и гимназиската струка, предводени од своите професори, со ентузијазам се вклучија во уредување на просторот – со бојадисување на клупи, огради и помошни објекти. Нивната посветеност и иницијатива беа доказ за тоа дека младите можат и сакаат да дадат свој придонес во одржување и зачувување на локалната средина.
Посебна благодарност музејот упатува до ЈТД Елен од Виница, за Коце и Горан кои несебично донираа бои, четки, ваљаци и други материјали потребни за реализација на активностите. Благодарение на оваа донација, акцијата се спроведе ефикасно и квалитетно, а нивната поддршка претставува пример за општествена одговорност и поддршка на младинските иницијативи.
Акцијата, покрај практична вредност, имаше и едукативно-воспитен карактер, ставајќи акцент на развивање на свеста кај младите за значењето на културното наследство и неговото одржување.
Во таа прилика, беше остварен и разговор за идните активности – се разгледува можноста учениците да се вклучат и во изработка на отпадни канти, кои ќе бидат поставени на самиот локалитет, со што ќе се придонесе кон почиста и поуредена околина на Калето. Од музејот „Теракота“ упатија јавна благодарност до сите учесници, нагласувајќи дека токму ваквите заеднички активности се основа за создавање генерации кои ќе ја негуваат и штитат својата историја.